Концерт на КонТемпора со гости од ансамблот Aventure

На програмата се дела од Дарија Андовска, Гоце Коларовски, Валентина Велковска-Трајановска, Ана Пандевска, Јана Андреевска, Кокан Димушевски и Михаило Трандафиловски

На програмата на втората вечер на фестивалот „Денови на македонска музика“ во Музејот на град Скопје вечерва со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи ансамблот за современа музика ConTempora. Како гости на концертот ќе настапат членовите на германскиот ансамбл Aventure. На програмата се дела од Дарија Андовска, Гоце Коларовски, Валентина Велковска-Трајановска, Ана Пандевска, Јана Андреевска, Кокан Димушевски и Михаило Трандафиловски. Со ансамблот ќе диригира Сашо Татарчевски.

Меѓу композициите на програмата оваа вечер, празиведба ќе доживеат и три наградени дела од Конкурсот за нови музички дела, од авторите Ана Пандевска, Дарија Андовска и Кокан Димушевски.
„Marionettes“ на Ана Пандевска (1985) е камерна композиција за вибрафон, пијано и гудачки квартет. Инспирацијата за делото авторката ја наоѓа во внатрешните доживувања на општествените случувања, кои ја поттикнуваат на размислувања во правец на поттиснувањето на индивидуата во општеството. Делото, кое беше наградено со Трета награда на Конкурсот за нови музички дела во 2014 година е пишувано во минималистички манир во рамки на проширена тоналност. „Чест ми е што ми се укажува можност да соработувам со новиот ансамбл КонТемпора, бидејќи сметам дека формирањето на ваков состав во областа на современото творештво во Македонија, навистина беше неопходно. Се радувам на праизведбата на мојата композиција и очекувам да биде на највисоко ниво, со оглед на фактот што секој од членовите во ансамблот е врвен во својата област. “ – изјави композиторката Пандевска.

„Book of secrets“ на Дарија Андвоска (1979) е композиција планирана како дел од трилогија, заедно со композицијата „Book of the Devil Valley Master“. Катарзата преку пишувањето, ослободувањето од желбите и страстите за човек да постане „сфера“ (геометриски репрезент на совршеноста), човечкиот глас, поттиснат и претопен во механички шумови како музички симбол за губењето, но и повторното откривање на себе (крајот на композицијата), соодносот и играта со артифициелен звук (лента), кој во однос на акустичниот ансамбл е многу пожив и агилен – се мислите водилки на авторката во создавањето на делото.

Поврзани вести