„Е-кустика“ - концерт за размислување

Постоењето на ансамблот за современа музика „Кон темпора“ е повеќе од добредојден чекор за раздвижување на македонската културна сцена. Овој состав може да се сфати како продолжение на неколкумина веќе непостоечки, за жал, музички групации кои беа специјализирани за изведба на музиката која што е нова движечка струја кај нас, но да бидат и репер за она што се случува во Европа и во светот. Постоењето на „Кон темпора“ не е само за да го исполни испразнетиот простор кој во континуитет требаше да ја движи современата музичка сцена и да ни ги отвори очите и за поинакви културни вредности, и се разбира и не само што делува мошне посветено, туку на некој начин е и магнет за привлекување, т.е. за активно реализирање на нови проекти кои ќе ја одржат таа толку неопходна интеракција меѓу нас и светот.

Уште еден од нивните концерти завчера вечер го привлече вниманието на љубителите на новата музика. Во исполнетиот салон на Даут пашиниот амам, „Кон темпора“ настапија во рамките на фестивалот „Златна литра“ на концертот „Е-кустика“ кој е дел од заедничкиот проект на ЕУ „Културни приказни“ и СОКОМ и на кој беа изведени дела од тројца европски композитори: Ана Пандевска од Македонија, Борис Беземер од Холандија и Гирилал Баарс од Шведска. Еден интересен спој на различни култури кои се соединуваат во една заедничка идеја.

Концертот „Е-кустика“ донесе шест композиции, по две од споменатите автори, со кои уште еднаш се потврди дека македонската творечка мисла е во паралела со новите струења на Европа, барем што се однесува до сферата на т.н. електро-акустична музика. Од друга страна, пак, и овој настан донесе голема дискрапанца во мислењата и ставовите кај посетителите, меѓу нив и страствени познавачи на новите композиторски бранови. Што е позитивно, зашто наметнува полемики и дискусии кои можат да го подобрат, или уште попрецизно, да влијаат врз идниот пат по кој треба да се движи новата класична музика, ако може така да се каже. И за време на концертот, и особено по неговото завршување, повторно се наметнуваа прашања од типот зошто денешните композитори не пишуваат т.н. конкретна музика, зошто се повеќе се насочуваат кон апстрактниот начин на размислување кој е неразбирлив за пошироката јавност, на која публика се однесува оваа музика, дали таа може да се слуша повеќе од еднаш итн. Оние кои го одобруваат овој начин на компонирање, пак, беа мошне задоволни од она што го слушнаа таа вечер, потврдувајќи ја тезата дека за секоја музика има публика.

Во светот, пак, во музиколошките кругови, барем според темите кои на некои од конференциите се наметаа во последниве години, на оваа тема се размислува во насока дека е потребна нова револуција која ќе ги скрши сите досегашни стеротипи, покрај напредокот во техничко-технолошка смисла.

Како и да е, освен композициите на Пандевска кои се веќе изведени и за кои пишувавме, останатите дела не донесоа некоја значителна инвентивност, атрактивност, не ги разбудија сетилата, не донесоа инспирација. Па сепак, ако се гледаат низ призмата на деталите, на звучните сенки, на основната идеја, ако се прочепка во нивната утроба, тогаш сигурно во нив тлее жар кој за жал, не излегува на „видливата“ виделина. Композициите на шведскиот композитор Гирилал Баарс на пример, „Fair Margaret“ за глас и обоа и „Deep Blue Book“ за гитара, хорна и контрабас, се потпираа на некои фолклорни аспекти и затоа претставија поголема експресивност. Интересен беше вокалот во изведба на самиот композитор на првата тема кој интерпретираше сегменти од една шкотско-англиска љубовна балада, во спој со обоата како нетипичен контрапункт, како и втората композиција базирана врз стара руска песна „Билина“ која создава спој на буквите и нивната фреквенција со теоријата на тоналните хиерархии во музиката. Делата на холандскиот композитор Борис Беземер, пак, „Mobile“ за жива електроника и „Spring“ за камерен ансамбл, се засноваат на гестот, на движењата, на промена на формите, на импровизацијата. Остави впечаток „Spring“ поради отворената оркестрација и можноста за слобода на изведувачите, која сепак осцилираше во рамките на формата.

Всушност овде, како и во текот на целиот концерт, музичките уметници беа беспрекорни во изведбата на делата на Пандевска, Беземер и Баарс, и крајно посветени на идејата да се донесе нивната музика на високо, квалитетно скалило. Честитки за Владимир Лазаревски, обоа, Владимир Чадиковски, гитара, Горан Јанев, хорна, Влатко Нушев, вибрафон, Весна Ангелова-Христов, пијано, Владимир Костов, виолина, Симон Поповски, виолина, Бојан Телески, виола, Паскал Краповски, виолончело и Петруш Петрушевски, контрабас.

Младата македонска композиторка Ана Пандевска, пак, како што е споменато погоре во овие редови, се најде меѓу двајца автори со навистина завидна биографија, но нејзиното творечко кредо не наметна разлика во искуството. Пандевска и со двете дела создава огледало на општествените случувања стремејќи се да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови, и да ги соедини со свои, индивидуални размисли. Камерното дело „Марионети“ за вибрафон, пијано и гудачки квартет директно упатува на доживувањата на авторката на одредени општествени релации, особено во однос на потиснувањето на индивидуата во рамките на едно општество. Марионетите, како што кажува и самиот наслов, кукли контролирани со помош на конци, во преносна смисла на зборот овде се инспирација за се поголемата манипулација врз народот и неможноста за спротиставеност, за луѓето кои не функционираат по сопствено убедување и волја, туку напротив, се слепо орудие во туѓа власт. Иако појдовната инспирација за делото е вонмузичка, таа се отсликува преку изборот на формата, хармонијата, манирот и карактерот во конкретна звучна слика. „Ехо илузии“ за гитара и лента, пак, ги носи експресиите на џезот, традиционалниот блуз, психоделичноста на панкот, рокенролот...

На крајот, уште еднаш треба да се потенцира дека средбите на композиторите од овие простори со оние кои што работат во европските центри, секогаш, па и денес, се одличен чекор за проширување на креативните хоризонти на самите автори, но и на консументите. Ваквите концерти се сведоштво за она што се создава сега, денес, во овој миг, без разлика дали е тоа допадливо, достапно за пошироката публика, апстрактно или конкретно, тонално или атонално... Важно е тие да создадат комуникација која ќе се прошири надвор од нашиве често херметички затворени врати, да предизвикаат интерес за нови творечки идеи и да создадат амбиент за здрав континуитет.

Тина Иванова