“ЗАД ХОРИЗОНТОТ“ - Концерт во чест на Кирил Македонски

                  На 2 ноември 2015 (понеделник), ансамблот “КонТемпора“ ќе одржи концерт во чест на јубилејот на македонскиот композитор Кирил Македонски по повод 90 години од неговото раѓање. На концертот се изведат експериментални композиции создадени во 70-тите години од минатиот век, а вовед во концертот ќе даде музикологот Марко Коловски.
               Концертот ќе се одржи во салата „Империјал“ во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот. Влезот е слободен.
               Кирил Македонски (1925 – 1984) е еден од најистакнатите претставници на втората генерација македонски композитори. Школуван во големите центри на поранешна Југославија (Загреб, Сараево и Љубљана) и усовршуван во странство (Варшава и Дармштад), тој мошне рано го свртува вниманието на стручната јавност кај нас и во странство (со симфониската поема „Танчарка“, 1951), што е сигнал да се зафати со крупни творечки предизвици. Автор е на првата македонска опера - „Гоце“, изведена во 1954 година, а подоцна и на низа оркестарски композиции (меѓу кои и на пет симфонии за кои познатиот композитор и педагог Луцијан Марија Шкерјанц напиша дека „се силни, динамични и дека во нив се гледа сигурноста на изразување на авторот со јазикот и средствата на дваесеттиот век“), камерни и музичко сценски дела. Особено е маркантна неговата втора опера – „Цар Самуил“ (1968) која доживеа повеќе обнови и многу изведби на сцените во Македонија и во странство. Во своето творештво Кирил Македонски особено внимание и посветува на македонската музичка традиција, од нејзините најстари, духовни слоеви до поновите изблици на народниот гениј и имаше јасно дефиниран став во однос на него („... нашето народно творештво е при­родна клима во која се родив и израснав. Музичкиот фолклор за нас е духовен капитал. Ние во нас ја носиме драмата и лириката што во суштина се од иста музичка материја и кои на нашето творештво му даваат индивидуалност.“). Покрај обемниот творечки опус, Македонски се истакна и како педагог, а последните години од неговиот релативно краток живот – и како светски признат истражувач во областа на тогаш малку познатата кај нас – музикотерапија.