„Звукот на душата“ - концерт на ансамблот КонТемпора со музика на Малком Дедман

Утревечер (сабота, 14. ноември) во просториите на Факултетот за музичка уметност во Скопје со почеток во 20 часот, во рамки на фестивалот „Есенски музички свеченост“ концерт ќе одржи ансамблот за современа музика „КонТемпора“. Концертот е дел од проектот „Европски современи композитори“ а на него ќе бидат изведени дела од британскиот композитор Малком Дедман. Ансамблот „КонТемпора“ ќе настапи во состав: Катерина Бачевска - флејта, Игор Иванов - кларинет, Нинослав Димов - саксофон, Влатко Нушев - вибрафон, Елена Чадиковска - маримба, Марија Вршкова и Ана Гацева - пијано, Владимир Костов и Симон Поповски - виолина, Бојан Талевски - виола, Паскал Краповски и Александар Котевски - виолончело и Петруш Петрушевски - контрабас. Диригент е Бисера Чадловска.

Малком Дедман е роден во Лондон, Англија, во 1948. година. Бидејќи пројавил фасцинираност од клавирските изведби на неговата мајка, таа започнала да го подучува уште на 5-годишна возраст. Откако се здобил со основата, паралелно со вежбањето почнал и да импровизира. Веќе на дванаесет години посакал да ги запише своите музички идеи и практично тоа се почетоците на неговата композиторска кариера. Во тинејџерските години слушал современа музика и почнал самоуко да ја запишува. Но, покрај потребата за компонирање, студиите ќе го насочат кон применетата физика, нешто што ќе дипломира во 1971. година. Во следните дваесет години ќе живее од работата како електронски проектант во разни компании во Велика Британија, а набрзо по вработувањето ќе започне неформално да ја изучува музиката кај Патрик Стандфорд, професор од лондонското училиште за музика и драма „Гилдхол“ (Guildhall School of Music and Drama). Сепак, дури во 2004-та ќе се најде во позиција за добивање на официјална музичка диплома, кога се запишува на мастер-студиите по концертна композиција на Thames Valley University во Лондон (денешен University of West London). Дипломира со сите почести во 2005-та година. Својот композиторски стил Дедман го смета за индивидуален, а тој се базира врз трендовите на 20-тиот век, почнувајќи од серијализмот, па се до квази-алеаторичките техники. Иако творештвото му е инспирирано од музиката на Месјан и Барток, сепак во него се интегрирани и музички влијанија од многу други композитори од различни култури. Досега неговите дела се изведувани во Англија, Ирска, Франција, Бугарија, Италија, САД, Бразил, Мексико, Јапонија, Јужна Кореа, Нов Зеланд и Јужна Африка, а многу од овие изведби имале одличен прием кај публиката, но и кај критиката.

Композицијата “Transmutations” е напишана во 2012. година за флејта, кларинет, саксофон и клавир. Насловот сугерира промена, или трансмутација, налик на промените кои се случуваат во природата, како кога еден хемиски елемент преминува во друг и тн. Промените во ова дело се чисто музички и сé се одвива во четири главни делови врзани со пасажни мостови, вовед и кода. Првите пет тактови ја донесуваат главната мелодиска идеја во дувачките инструменти, а тоа е материјалот кој потоа трансмутира низ четирите делови. Ова дело е напишано на барање на кларинетистот Гвидо Арбонели.

Клавирскиот дует “Three Human Attributes” е завршен во јануари 2008. година. Составен е од три става, каде секој од ставовите се фокусира на особините на човековото тело, ум и дух. Првиот став Physical Condition, е еден вид на танц кој се посветува на „суровите квалитети“ на материјалното ниво на постоење. Вториот став Mind and Human Intellect, е во суштина бавен став кој наизменично ги спротивставува силните акорди со мелодиските фрази преку лесно ритмизираната придружба. Третиот став Rational Soul, ја рефлектира важноста на човековата духовна природа (човековата душа, или рационалниот дух).

Гудачкиот квартет бр. 2 “Five Aspects of Spirit” е напишан 2014. година. Се одвива во пет посебни ставови со приближно времетраење од 24 минути. Петте ставови се однесуваат на секој од петте аспекти на Душата и тоа на растителниот, животинскиот, човечкиот, Духот на верата и Светиот Дух. Засновани се на описи на овие различни аспекти кои ги има дадено ‘Abdu’l-Bahá во книгата ‘Some Answered Questions and ‘Bahá’í World Faith’. Сите пет ставови се базирани врз пет-нотни теми кои се слушаат на самиот почеток на делото, нагласувајќи го Единството на Духот во сите негови аспекти.

Композицијата “Elegy for the Casualties of War”, напишана во 2009-та година е наменета за флејта, кларинет, виолина, виолончело и клавир. Делото има три секции Andante, Presto и Adagio, кои се изведуваат без пауза. Со толкуте многу зони на конфликти во различни делови на светот, композиторот се почувствувал инспириран да напише елегија во чест на сите луѓе кои во таквите услови неправедно го загубиле животот, но и во спомен на нивните семејства.

Композицијата Duo Concertante е создадена во 2014. година за вибрафон, маримба и гудачки квартет. Нејзиното времетраење е 11.05 минути. Насловот сугерира на вид на концерт кој се базира врз мала скала, каде вибрафонот и маримбата се солистички инструменти. Составена е од пет делови кои се изведуваат без пауза: влезниот, ритмички нерамноделен дел ‘Dialogues’, кусиот ‘Interlude’,, бавната ‘Passacaglia’, кустата ‘Cadenza’ (претежно напишан за солистите) и завршното ‘Finale’.

Културни приказни:
Проект "Европски современи композитори"

„Кога ќе отсвирите дисонанца помеѓу две жици – продорно болна дисонанца – тогаш станува збор за нешто многу конкретно. А кога на виолината изведувате мелодија каде што квинтата е чиста, тогаш не се јавува никаква друга вибрација. Тоа е како осцилоскоп кој покажува права линија. Кога линијата на медицинскиот осцилоскоп е права, пациентот е мртов.“
Арво Паирт

Културното наследство на Европа е еден богат и разнолик мозаик од културни и креативни изрази, богатство од претходните генерации Европејци и оставнина за тие што доаѓаат. Програмата со наслов "Културни приказни" на Делегацијата на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот им служи на амбасадите на земјите - членки на ЕУ како еден вид на дополнителна платформа за претставување на европската уметност, европските вредностите и наследството пред локалната публика. Слично на претходните активности организирани во рамките на програмата "Културни приказни", беше развиен нов концепт со наслов "Европски современи композитори". Проектот се спроведува во тесна соработка со амбасадите на земјите членки на ЕУ во земјава, Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, ансамблот „ConTempora “ и Бранка Костиќ-Марковиќ, истакнат музиколог и член на СОКОМ, во улога на партнер и координатор на проектот. Главната цел на "Европски современи композитори" е да се промовира европската култура, но и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните културни дејци, подигајќи културни и креативни индустрии и нудејќи нови деловни модели. Во оваа низа настани ќе бидат претставени водечките современи европски композитори. преку концерти со нивни дела, мастер-часови за студенти, дискусии со домашните композитори и професионалци, како и предавања наменети за пошироката публика, со цел да се промовира современата уметничка музика и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните музичари и културните работници. Првото издание на проектот "Европски современи композитори", насловено како „Е-кустика“, се одржа минатиот месец (17-22 Октомври, 2015) во рамките на фестивалот „Златна лира“, со гостите-композитори Борис Беземер (Холандија) и Гирилал Баарс (Шведска), како и домашната композиторка Ана Пандевска.